Започнаа подготовките за одбележување на празникот „ Недела на виното -Св. Трифун 2018“ PDF Печати
   Како и секоја, така и оваа година општина Неготино благовремено ги започна организационите подготовки за одбележување на„ Недела на виното -Св. Трифун 2018“ со  посебен акцент на празникот на лозарите и организирање  на централниот настан на 14-ти февруари. Во присуство на претставници на локалната самоуправа, лозари, винарии, енолози, здруженија на граѓани, образовни установи, фолклорни друштва и други, во големата сала на општината се одржа првиот состанок на кој присутните беа запознати со изготвената предлог-програма за одбележување на „Св.Трифун“, при што и самите имаа можност да дадат прелиминарни забелешки и предлози. Според предлог-агендата, оваа година манифестацијата со која ќе се одбележи празникот на лозарите и винарите е насловена како „Недела на виното-Св. Трифун 2018“, а предвидено е истата да трае 3 дена со бројни активности кои ќе се одржуваат во деновите понеделник, вторник и среда ( 12, 13 и 14 февруари ). Општина Неготино за оваа година предложи  спроведување на повеќе нови проекти во рамките на манифестацијата, меѓу кои одржување едукативен настан поврзан со вино и грозје- вино терапија и унапредување на можностите за користење на виното и грозјето во козметичката индустрија, организирање на дводневна работилница на ракотворби за вино, декорации на маса за вино и работилници за подготовка на храна, како и отворање на ликовно-копаничарско ателје за креирање препознатлив експонат,  а нема да изостане и традиционалната копаничарска изложба. Исто така, како новина се планира организирање на социјални и спортско-натпреварувачки игри и забава со реквизити за производство и складирање на вино , одржување на хуманитарен базар, музичко ликовен уличен перформанс, збогатување на трајна етно-винска поставка во винскиот дел на Музејот на град Неготино, можност за организирање на тридневна тура во регионот, настапи на фолкорни друштва, денс групи и други музичари. Основна цел е да се понуди програма со содржини која ќе предизвика интерес кај сите генерации граѓани, како и присуство на гости од земјава и странство. Главна новина која се предлага од општина Неготино, а во зависност нормално од временските услови  е тоа што на самиот ден на одбележување на „Св. Трифун“ – 14-ти февруари на градскиот плоштад  програмата се планира да започне претпладне и да трае целодневно .Во вечерните часови пак се планира  забавата да продолжи  на  Старата градска чаршија  . Се разбира ќе бидат застапени и други настани кои и во минатите години беа карактеристични за оваа манифестација со главен акцент на виното. Од општина Неготино информираат дека станува збор за предлог-програма која е подложна на измени и дополнувања, па токму затоа и во наредниот период ќе следува организирање на други состаноци на кои ќе се дефинира што точно  ќе содржи програмата.Општина Неготино во следниот период очекува поголема зиантересираност токму од винариите , од угостителите  и од останатиот приватен сектор од кои се очекува да дадат значаен придонес  во севкупната организација за оваа манифестација . Главната цел е во текот на трите дена од одбележувањето на празникот во Неготино да се привлечат што е можно повеќе гости од регионот, земјава и странство  а со тоа манифестацијата да се издигне на ниво  на препознатлива стопанско-туристичка манифестација.