Наредната недела две театарски комедии во Неготино PDF Печати

    По повод одбележувањето на Светскиот ден на театарот, со финансиска поддршка на општина Неготино, во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев” љубителите на театарот од нашиот град следната недела ќе имаат можност да проследат две одлични театрски комедии во изведба на театрите од Кавадарци и Куманово.
Најпрво во понеделник (26 март) на сцената во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев” ќе биде одиграна претставата “Стјуардеси” во изведба на кавадаречкиот театар. Режисер на претставата е Диме Коцевски на текст на Марк Камолети. Покрај режисерската улога, Коцевски ќе понесе и голем товар од актерски аспект, а покрај него во претставата играат уште и Видан Станоев, Валентина Ѓорѓиева, Зорица Стефковска, Ребека Малиминовска, Никола Деков и Костадин Прокопов. Урнебесната комедија на Марк Камолети е еден од најпоставуваните текстови ширум светот, а уникатното режисерско гледање на Диме Коцевски и дава една сосема нова свежина, и прави чувство дека гледате сосема различна претстава која надополнета со неочекуваните сцени, специјалните гости и тиквешкиот дијалект кој провејува низ дел од сцените, засмејува до солзи. Почетокот на претставата е закажан за во 18.30 часот, а билетите по цена од 50 денари ќе се продаваат на билетарата на Центарот за култура “Ацо Ѓорчев”.
Претставата Бегај, еве ја жена ти (Па не баш) на кумановскиот театар “Трајко Прокопиев” во режија на Коле Ангеловски, на текст на Реј Куни неготинската публика ќе може да ја проследи во четврток 29 март со почеток во 20 часот во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев”. Во претстават играат Горан Илиќ, Дубравка Киселички, Владо Дојчиновски, Кети Дончевска Илиќ, Александра Михајловска, Илија Струмениковски и давид Илиќ. Режисерот Коле Ангеловски во својата адаптација посегнува по англискиот хумор од текстот на Куни, давајќи му домашен шмек, локална географија и дијалект и ткае возбудлива и современа приказна за луѓе од нашето секојдневие кои случајноста ги става во мноштво невозможни и урнебесни ситуации, со низа неочекувани пресврти.
Општина Неготино ги поканува сите љубители на театарот да не ја пропуштат оваа одлична можност за театарско уживање и дружење со извонредните актери од двата театри.