Реализирана првата од двете претстави со кои општина Неготино го одбележа Светскиот ден на театарот 27 март PDF Печати
  Вчеравечер во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев” во Неготино беше изведена урнебесната комедија “Не шетај гола” во изведба на аматерскиот театар од Демир Капија. Претставата беше посетена од голем број на љубители на театарот од сите генерации. Салата во Центарот за култура, која што инаку е со капацитет од околу 300 седишта, беше претесна да ги собере сите граѓани кои дојдоа да ја видат претставата.
 “Не шетај гола” е првата од двете претстави со кои општина Неготино во рамките на Програмата за култура, а во соработка со Центаро за култура “Ацо Ѓорчев”, го одбележува Светскиот ден на театарот – 27 март. Инаку, Програмата за култура на општина Неготино покрај повеќе театарски претстави, оваа година вклучува богат спектар на културни настани: концерти, изложби, перформанси, филмски проекции, колонии, итн., со чија реализација општината прави напори да ја доближи културата до граѓаните и да даде силен импулс за нејзин развој како еден од најважните сегменти на општественото живеење во една урбана средина.
Втората претстава со наслов “Кара Дончо” е во изведба на народниот театар од Штип и ќе биде изведена во четврток 29 март во Центарот за култура “Ацо Ѓорчев” со почеток од 19 часот. Ова е уште една одлична можност за вљубениците во театарот од Неготино и Тиквешијата да погледнат уште една одлична театарска комедија.