СЕ ОДРЖА ПРВАТА СЕСИЈА ОД ,, ФОРУМОТ НА ЗАЕДНИЦИТЕ ,, PDF Печати

   Со одржувањето на првата форумска сесија, започнаа конкретните активности од проектот Форуми на заедницата што заеднички го спроведуваат општина Неготино и невладината организација Алка која е имплементатор на Швајцарската агенција за развој. Стотина заинтересирани граѓани зедоа активно учество на почетокот од процесот на одлучување за тоа што е приоритет за реализација со средствата од проектот. Колку за потсетување, локалната самоуправа и невладината Алка имаат подеднакво учество од по 2,4 милиони денари, а конечниот збор околу утврдувањето на приоритетот ќе го имаат самите граѓани на општина Неготино. Општината излезе со три прелог-проекти за реализација – реконструкција на градскиот плоштад во Неготино, изградба на канализациона мрежа во населените места во општината и управување со сметот во руралните средини. Основна цел на проектот е преку искажани мислења и дадени предлози и сугестии од страна на учесниците на форумските сесии да се утврди кој проект е најцелисходно да се реализира, а конечниот збор за тоа да го имаат самите граѓани низ една крајно демократска процедура. Планирано е одржување на пет форумски сесии, утврдување на приоритетот за реализација,а конкретните активности на терен планирано е да завршат до септември, наредната година.