Започна отвореното градско првенство на Неготино во шах Печати

   Во организација на општина Неготино и Градскиот шаховски клуб Неготино до недела (4 – 6 мај) во нашиот град  се одржува седмото по ред отворено првенство во шах. На првенството се пријавени преку 20 шахисти кои според правилата на ФИДЕ, по швајцарски систем ќе одиграат вкупно 7 кола. Предвидено е да се игра темпо од 25 минути, без дополнителни секунди по потег. Градското првенство за отворено го прогласија градоначалникот на општина Неготино Тони Делков и претседателот на ШК Неготино Трајко Недев кои на сите учесници им посакаа успешен настап, истакнувајќи дека заеднички ќе работат на создавање услови за развој на шахот во нашиот град и привлекување на што е можно поголем број млади шахисти и пројавување интерес од нивна страна за оваа древна игра.. Победник на овогодинешното отворено првенство на Неготино ќе биде шахистот кој од одиграните седум кола ќе освои најмногу поени. При делба на место, односно во случај на шахисти со ист број освоени поени се применува критериум бухолц. Првата награда е во вредност од 5.000 денари. Покрај останатите, предвидени се и награди за најдобро пласираниот млад учесник (под 18 години) и најдобро пласираниот ветеран (над 60 години) кои учествуваат на турнирот. Дипломите и наградите на најдобрите шахисти од нашиот град на ова првенство ќе им ги додели покровителот на овој настан - градоначалникот на Општина Неготино, г-нот Тони Делков.