Општина Неготино со добро ниво на транспарентност и отчетност Печати
   Ова е заклучок од истражувањето и мониторингот спроведени од страна на НВО„Инфо центар“ во рамките нс спроведувањето на проектот поддржан од Шведската Влада за развој на граѓанското општество и соработката со локалната самоуправа. Како што истакна Билјана Бејкова од невладината организација која го реализираше проектот, општина Неготино има добро ниво на транспарентност и отчетност со реални можности за нивно унапредување преку разни начини на подобрување на транспарентноста и вклучување на граѓаните во креирањето на локалните политики. Во извештајот беше нотирано дека општина Неготино е отворена за соработка со граѓаните и граѓанските организација, а една од формите за директен контакт со населението е реактивирање на месните заедници со цел за поблиска соработка со градоначалникот и локалната самоуправа. Во своето излагање градоначалникот на општина Неготино Тони Делков истакна дека редовно се одржуваат средби со граѓаните и дел од нивните предлози се вметнуваат во Програмите за работа на општина Неготино, граѓаните на веб-страницата во електронска форма можат да пријавуваат проблеми и секој раководител е должен да одговори, се прават напори населението поблиску да биде запознаено со ингеренциите на градоначалникот и локалната самоуправа, односно дека се работи и мора да се работи за уште подобро информирање на населението од нашата општина. Во таа насока, градоначалникот Делков најави дека во наредниот период ќе биде редизајнирана општинската веб страница.