Во Музејот на град Неготино се одржа изложба на поштенски марки Печати
   Деновиве во Лапидариумот на Музеј на град Неготино се одржа филателистичка изложба на поштенски марки на колекционерот-филателист Љупчо Настов. Филателијата претставува собирање и проучување на поштенските марки и важи за едно од најпопуларните хобија во светот. Поштенската марка како амбасадор на земјата-издавач, овозможува поглед во културата на земјата, нејзиното уметничко и историско наследство. Филателијата ги обединува луѓето со различни професии, политички убедувања и општествени класи, кои на ова хоби му се посветуваат заради задоволство, проширување на своето знаење, но и заради заработка. Првата поштенска леплива марка е воведена дури во 1840 г. како потврда за однапред платена поштарина. Оваа марка се нарекува „Црно пени“ (англ. Penny Black) со ликот на кралицата Викторија. Британската пошта прва ја донела одлуката за печатење и за продажба на поштенски марки. А набрзо овој метод на плаќање поштарина го прифатиле и другите земји.
Редовните поштенски марки кои што циркулираат во секојдневниот поштенски сообраќај имаат различна тематика - архитектура, етнологија, историја, уметност, медицина, политика, социјала, образование, разни ликови на истакнати личности од разни сфери,   додека програмата поштенски марки овозможува да се направат тематски збирки со мотиви на флора, фауна, културно наследство, спорт, екологија, а најмладите имаат можност да собираат детски поштенски марки. Оштенскит емарки се котистат и за хуманитарни цели, такви се доплатните марки каде што доплатата на услугата е наменета за хуманитарни цели.
Со појавата на поштенските марки се создала и нова страст кон нивното собирање и проучување – филателијата. Во земјата постојат неколку друштва што се занимаваат со филателија. На изложбата во Музејот  на град Неготино беа претставени повеќе од двеста поштенски марки од филателистот од Кавадарци Љупчо Настов кој ги собирал неколку децении наназад.