НОВ ВОДОВОД ВО ДОЛНИ ДИСАН Печати
Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

     На пригодна свеченост што се одржа во присуство на месното население и други заинтересирани граѓани, во селото Долни Дисан во употреба беа предадени новиот бунар и новиот цевковод со чие ставање во функција се очекува да дојде до драстично подобрување на состојбите со водоснабдувањето – проблем со кој во изминативе години се соочуваа сите жители на ова населено место. Имено, постоечките близу 3 литри вода во секунда кои досега доаѓаа од каптажата Лапон лоцирана над селото Горни Дисан ни оддалеку не успеваа да ги задоволат потребите на локалните жители од ,, течноста што живот значи ,, така што ,, сувите чешми ,, посебно во летниот период, беа секојдневие на дисанци.

 Севкупната вредност на проектот со кој се обезбедуваат дополнителни количини вода за жителите на Д.Дисан изнесува 8.000.000 денари од кои 6.500.000 ги обезбеди Министерството за транспорт и врски при Владата на Република Мкедонија, додека општина Неготино учествуваше со средства во висина од 1.500.000 денари. Меѓу другото, во делот на градежните активности, извршено е дупчење на бунарот на длабочина од 93 метри од страна на Градежниот институт на Македонија чии вработени ја поставија и цевната конструкција на бунарот, а овие зафати чинеа 2.220.000 денари обезбедени од ресорното Министерство. Набавени се и монтирани цевки во должина од 300 метри кои новиот бунар го поврзуваат со постоечкиот цевковод, изградена е столбна трафостаница со комплетна опрема за ставање во функција на пумпите за црпење на вода од бунарот, а локалната самоуправа со цел за заштита на новиот објект, со соодветни елементи изврши оградување на овој простор. Работите во оваа фаза чинеа околу 3.500.000 денари.
     Предавајќи ги во употреба новиот бунар и изградениот цевковод, градоначалникот на општина Неготино Пане Трајков најнапред упати благодарност до одговорните во Министерството за транспорт и врски кои имале сенс за проблемите со кои се соочуваат локалните жители и ги обезбедиле најголемиот дел од средствата потребни за изградба на новите објекти. Трајков истакна дека со реализацијата на овој проект, покрај постоечките 3 литри, се обезбедуваат дополнителни 5 литри квалитетна вода за пиење во секунда и изрази уверување дека во догледно време потребите од вода за пиење на жителите на Долни Дисан ќе бидат целосно задоволени.