Санде Атанасов победник на отвореното градско првенство на Неготино во шах Печати
    Од 4 до 8 април во нашиот град се одржа осмото по ред отворено првенство во шах “Неготино Опен 2022”. На првенството учество зедоа 28 учесници кои одиграа вкупно 9 кола по швајцарски систем. Победник на овогодинешното отворено првенство е шахистот Санде Атанасов кој во деветте одиграни партии освои вкупно 8 поени и ја освои првата награда во вредност од 7.000 денари. Второто место на турнирот со освоени 7,5 поени му припадна на Димитар Ставров - Вешки, а третопласиран е Ѓоко Павлов кој ја освои третата награда во износ од 4.000 денари. Награди во висина од 2.000 денари добија и Ѓорѓи Темелков како најдобро пласиран млад шахист (под 18 години) и Васко Недев како најдобро пласиран сениор (над 60 години). Наградите ги обезбеди Општина Неготино, а ги додели градоначалникот Горан Стојанов кој на најдобрите учесници им додели и дипломи. Првенството помина во одлична организација на Општина Неготино во соработка со Градскиот шаховски клуб “Неготино”.