На 17-ти февруари (сабота) во Долни Дисан ќе се одржи втората Треил трка за вино и љубов – единствена од ваков тип во земјава. Празникот Св.Трифун е идејата од која произлезе оваа трка чија крајна цел е промоција на винскиот Дисански крај и на Неготино, со што пак се заокружуваат активностите по повод празникот на лозарите и винарите за оваа година.
Инспирацијата, пак, за Треил трката за вино и љубов е по примерот на винските трки во Франција и Италија, замислата е да биде малку забава и повеќе дружење. Трката дава можност да се ужива во природата, во виното и во љубовта и денот да почне со радост.
Токму тоа е и мотото: „Стартувај, уживај, радувај се! Во тебе е клучот“, посочуват организаторите на трката. Во треил трката, велат тие, не е најважно да стигнеш прв туку поважно е учесниците да застанат на двете окрепителни станици каде што задолжително ќе мора да дегустираат дел од понудата од локално производство.