Синоќа (25.08.) во салата СРЦ “Младост” во Неготино заврши 13-тото по ред издание на турнирот во улична кошарка “Streetball” кое и оваа година изобилуваше со квалитетна кошарка и неизвесни натпревари. Учесници на турнирот беа најдобрите 3×3 екипи во државта, кои понудија врвна кошарка, многу атрактивни моменти и пред се добра забава за гледачите.
Победник на турнирот е екипата на “Кино Влае” од Скопје која во одличното финале ја совлада екипата на “Валандово Црно-црвени” и ја освои првата награда во висина од 30.000 денари, додека поразената екипа во финалето заработи 20.000 денари. Третото место и наградата од 10.000 денари ја освои екипата на “Дружината на Вацко” од Кочани која во малото финале ја совлада екипата на “Слаткарница Шар Планина” од Гевгелија. МВП (најдобар играч на турнирот) е Ервин Цого од екипата на “Кино Влае” од Скопје. Претходно, во јуниорска конкуренција првото место на турнирот го освои екипата на “Спорт Тим”, пред екипите на “АМВ” и “Хавана”, сите од Неготино. Во рамките на турнирот беа организирани и натпревари во шутирање на тројки и слободни фрлања.
Дипомите и наградите на најдобрите екипи во сениорска конкуренција им ги врачи претседателот на комисијата за јавни дејности при Советот на Општина Неготино Александар Гичовски, кој ја додели и наградата за МВП (најдобар играч на турнирот). Екипите кои настапија на турнирот упатија благодарност до Општина Неготино и КК “Спорт Tим” за беспрекорната организација и уште отсега го најавија своето учество за наредната година.