Како градоначалник на општина Неготино работната средба со амбасадорот Оцука на која присуствуваше и директорот на ЈЗУ Здравствен дом Неготино д-р Љупчо Пасинечки ја искористив да го запознаам со реализираните проекти и активности со кои како локална самоуправа придонесуваме за создавање подобри услови за живеење на сите граѓани на општината, а ја искажав и благодарноста до Амбасадата на Јапонија и јапонскиот народ за финансиската поддршка преку која се реализирани два значајни проекти во општината во вредност од околу 100.000 евра.
Во вториот дел од работната посета престојувавме во Здравствен дом Неготино каде што амбасадата на Јапонија донираше дигитален рентген апарат за подобрување на опременоста на институцијата и подобрување на дијагностичките можности, бидејќи со неговата иновативна технологија и прецизност ќе се овозможи побрза, поточна и поефикасна дијагностика и понатамошен третман на пациентите. Во знак на благодарност на амбасодорот Оцука му подарив плакета од општина Неготино, а директорот Пасинечки од име на Здравствен дом Неготино додели благодарница.
Во изјавата за медоумите беше потенцирано силното партнерство и меѓусебно почитување меѓу народот на Македонија и Јапонија со надеж дека преку заеднички вредности, напори и проекти ќе продолжиме да градиме поздрава и понадежна иднина.