Овој викенд (27-28.05.) во салата на спорско-рекреативниот центар “Младост” ќе се одржи премиерното издание на кошаркарскиот турнир за младински категории во женска конкуренција “Неготино 2023”. Учество на истиот ќе земат повеќе реномирани екипи од нашата земја. Организатор на ова спорско случување е женскиот кошаркарски клуб “Спорт Тим” од Неготино под генерално покровителство на Општина Неготино.
Во сабота и недела натпреварите започнуваат од 10 часот во спортската сала „Младост“. Ќе учествуваат женски екипи во две младински селекции: девојчиња родени 2010/11 и девојчиња родени 2006/07, исклучиво од Македонија. Учесници на турнирот покрај домаќинот ЖКК Спорт Тим, ќе бидат и екипите на ЖКК Јасмин од Кавадарци, ЖКК Пробаскет од Пробиштип, ЖКК Прима Баскет од Гевгелија, ЖКК Гостивар од Гостивар и ЖКК Тим Арена од Штип.
Со оглед на фактот дека се работи за нов спортски настан односно негово прво издание, општина Неготино ќе настојува во наредните години да го одржи континуитетот и истиот да стане традиционален.