Ми беше особена чест и задоволство што токму општина Неготино е првата општина во Македонија која официјално ја посети новоименуваниот амбасадор на Република Словенија Н.Е. г-дин Грегор Прескер кој беше придружуван од економската советничка во амбасадата г-ѓа Ѓуле Вишај. Покрај запознавањето со функционирањето на локалната самоуправа и основните карактеристики за општина Неготино, фокусот во разговорите со амбасадорот беше ставен на реализацијата на проектот „Жените пчелари, двигатели на позитивните промени во Македонија“ кој е финансиран од Владата на Република Словенија, односно од Министерството за надворешни и Европски работи на Словенија. На работната средба беа присутни и претставници на Хуманитарната организација Адра која го имплементира овој словенечки проект кои истакнаа дека од цела држава во истиот се вклучени околу 50 лица сегашни и идни пчелари, со напомена дека Неготино е лидер во проектот со 12 вклучени лица кои аплицираа за учество. Посетата заедно со амбасадорот Прескер ја искористивме да посетиме пчелар од општината кој не запозна со процесот на производство на мед и производи од мед, по што заеднички со претставниците на амбасадата и на Адра го посетивме, разгледавме и се запознавме со функционирањето на пчелниот парк кој е лоциран во селото Вешје.