Чест и задоволство ми беше денеска во работниот кабинет да остварам средба со Неговата Екселенција г-дин Кристоф Ле Риголер- амбасадор на Република Франција во Република Македонија.
На почетокот добив искрени честитки од амбасадорот за мојот избор за прва жена градоначалничка на општина Неготино со желби за успешен и плоден мандат, на што се заблагодарив од срце. За амбасадорот ,, Неготино е главен град на Република Македонија ” алудирајќи на фактот што токму во нашиот град е отворена првата билингвална паралелка на француски јазик и нашиот град има посебно место и посебни врски во делот на соработката со Амбасадата на Франција. Како градоначалнчка на општина Неготино дадов ветување дека заедно со одговорните во СОУ Св Кирил и Методиј правиме и ќе продолжиме со поддршката за учениците кои имаат афинитети за изучување на францускиот јазик и негово подигнување на уште повисоко ниво.
На негово барање, го информирав амбасадорот за приоритетите во мојот 4-годишен мандат меѓу кои се изградба на патна и комунална инфраструктура, реконструкција на градскиот плоштад, реконструкција на УЗ 8.1, нова противпожарна станица, реконструкција на старата социјална зграда и нејзина пренамена, како и модернизација на општина Неготино.
Во делот на развојот на индустриските зони и можноста за инвестирање, амбасадорот Ле Риголер најави потенцијален интерес за инвестирање во нашата општина од инвеститори од Република Франција.

