Достојно одбележан 8-ми Ноември-Денот на ослободувањето на Неготино Печати

    Со строго почитување на пропишаните здравствени протоколи, општина Неготино денеска го одбележа и прослави празникот 8-ми Ноември-Денот на ослободувањето на Неготино. Активностите започнаа со положување на свежо цвеќе од страна на повеќе делегации на спомен-бистите на паднатите борци од НОБ оддавајќи им почит за слободата стекната благодарение на нив и на сите учесници во антифашистичката борба, како и на нашите сограѓани кои ги загубија животите во воените конфликти на поранешните југословенски простори. Почит им беше оддадена и на плејада општествени работници и носители на јавни функции кои во изминатите 76 години со реализација на бројни проекти оставиле сопствен белег и придонесле Неготино да расте и да се развива. Се одржа и свечената седница на Советот на општина Неготино на која претседателот Диме Витанов говореше за активностите на советниците во изминатиот едногодишен период, а присутните имаа можност да погледнат аудио-видео материјал во кој беа презентирани дел од проектите и активностите кои општина Неготино ги има реализирано во изминатиот период. Градоначалникот на општина Неготино Тони Делков говореше за активностите што беа спроведени и се спроведуваат во борбата против пандемијата од Ковид-19, за реализазијата на проектите кои се започнати, се во тек или следува нивно спроведување, напоменувајќи дека во периодот пред нас граѓаните на општината можат да очекуваат континуирано реализирање на повеќе други проекти. На денешната свечена седница беа доделени традиционалните признанија и награди по повод општинскиот празник. Највисоката општинска награда 8-ми Ноември годинава ја доби д-р Силвана Филипова од областа на медицината, а признанија им доделивме на Ѓорѓина Димова од областа на образованието, Здружението Ековита за општествена одговорност, Илија Апостоловски од спортот и Димитар Аврамов од областа на хуманитарната дејност.