126 мостри на црвени, бели и розе вина и ракии се доставени по јавниот повик од страна на општина Неготино за учество во натпреварот за избор на најдобри вина од реколтата 2022 година и ракии од индивидуални производители од цела Македонија. Со дегустацијата на мострите и официјално започнаа активностите од „Неделата на виното“ која општина Неготино ја организира по повод верскиот празник Свети Трифун-заштитникот на лозарите и винарите. Оценувањето на 28 мостри црвени вина, 36 бели, 14 вина розе и 48 мостри на ракии го врши 5-члена комисија составена од енолози од Здружението на енолози на Македонија. За производителите на најквалитетните вина и ракии општина Неготино обезбеди пригодни награди кои ќе им бидат врачени во вторник (14.02.) на градскиот плоштад каде што ќе се одржи централниот настан по повод Свети Трифун.