Од 4-ти октомври започна да тече и до 21 октовмри оваа година трае рокот за поднесување кандидатури за добитници на наградата и признанијата по повод празникот на општина Неготино-8-ми Ноември. Општина Неготино го објави огласот за пријавување на кандидатури за добитници на највисоките општински награди и признанија кои се доделуваат по повод празникот на општината 8-ми Ноември-Денот на ослободувањето на Неготино. Како што информираат од локалната самоуправа признанијата се доделуваат секоја година како израз на највисоко општинско признание што се доделува за посебни постигнувања во одредени области на поединци и институции од општината. Според одлуката, наградата и признанијата по повод 8-ми Ноември се доделуваат на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија на граѓани и заедници чии дела, односно резултати во работењето и дејствувањето, придонесле за нивна лична и афирмација на општина Неготино. Право на поднесување на кандидатури за добитници на наградата и признанијата имаат сите заинтересирани граѓани, претпријатија, установи, здруженија, месни заедници и групи граѓани, а крајниот рок за доставување предлози е петок 21 октомври. Процедурата вели дека пристигнатите предлози најпрво ги разгледува Комисијата за награди и признанија при општинскиот совет, а конечната одлука за добитниците ја донесуваат советниците во Советот на општина Неготино. Наградите и признанијата на добитниците градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов ќе им ги додели на свечената седница која ќе се одржи во вторник на 8-ми Ноември Денот на ослободувањето на нашиот град.