Повеќе од 100 години во чест на верскиот празник Мала Богородица – 21 септември, во Неготино се одржува познатиот „Неготински панаѓур”.
Последните неколку години празнувањата започнуваат на 19 септември, кога се одржува познатата “Неготинска вечер”. Ова е вечер на староградска песна, музика и дружење за сите генерации, вечер кога Старата чаршија и градскиот плоштад во Неготино се претесни за да ги соберат посетителите, кои ги забавуваат познати и реномирани музички имиња на македонската естрада. Програмата е збогатена и со настапи на акробати и жонглери као и театарски перформанс на помали театарски групи.
Инаку, “Неготинската вечер” е наследничка на познатата “Боемска вечер”, на која покрај другото беше доделувана и наградата “Боем на годината”.
Празнувањата продолжуваат на 20 септември со познатата “Манастирска Вечер”, кога граѓаните традиционално и масовно го посетуваат манастирот “Свети Ѓорѓи”, кој се наоѓа во непосредна близина на Неготино.
Во текот на следните три дена 21 – 23 септември, започнува стопанскиот дел од манифестацијата, кога централното градско подрачје е претворено во огромен саем на кој трговците кои доаѓаат од сите краеви на Македонија нудат широк асортиман на производи и стоки. Во деновите на “Неготинскиот Панаѓур”, Неготино е отворено и подготвено да ги пречека сите добронамерни гости и посетители.