Со низа свечени настани и активности денеска беше одбележан празникот на општина Неготино 8-ми Ноември – Денот на ослободувањето на градот. Најпрво им беше оддадена должна почит и внимание на паднатите борци и на сите жртви од антифашистичката револуција кои ги дадоа своите животи за слободно Неготино, при што од страна на повеќе делегации беше положено свежо цвеќе пред спомен-бистите. Активностите продолжија со одржувањето на свечената седница на Советот на општина Неготино на која пригодни обраќања имаа претседателката на Советот Роза Јаневска и градоначалникот на општина Неготино Горан Стојанов кој во функција на отвореност, чесност и транспарентност во работењето нотираше дел од проектите и активностите кои беа реализирани во изминатиот едногодишен период и се во насока на подобрување на условите за живот на граѓаните на Неготино и населените места, а ги истакна и можностите за социјален и економски развој во наредниот период. Присутните на свечената седница имаа можност преку презентација на ауди-видео материјал да се запознаат со реализираните проекти и активности реализирани во периодот помеѓу двата празника.