На тениските терени во Неготино се одржа традиционалниот тениски турнир БОВИН НЕГОТИНО ОПЕН за мажи и девојки. Во конкуренција на девојки настапија 5 тенисерки три од Кавадарци и две од Неготино. Кај девојките најуспешна беше Росана Милкова од Кавадарци која во финалето беше подобра од својата сограѓанка Верица Крстева по победата од 2-0 по сетови 6-3, 6-2.
Кај мажите настапија 23 тенисери, по тројца од Кочани, Гевгелија и Скопје, а останатите од Тенискиот клуб НЕГОТИНО. Младиот Кире Лазов од Неготино приреди вистинска сензација на турнирот совладувајќи ги постарите тенисери од Неготино (Кире Чаушев и Александар Богевски досегашни трократни освојувачи на овој турнир) по долги и исцрпувачки борби во три сета. Во финалето младиот Кире го постигна најзначајниот резултат во својата кариера по победата над поискусниот Павле Јованов од Неготино (досегашен двоен освојувач на турнирот) со 2-1 по сетови 3-6, 6-2 и 7-5. Покровител на традиционалниот тениски турнир е реномирана винарија БОВИН од Неготино. Раководител на турнирот беше познатиот тениски ентузијаст од Неготино Александар Јованов–Аџи. На финалните натпревари кои се одржаа во неделата попладне присуствуваше и Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов кој ги додели пехарите на победниците и другите спортски награди на полуфиналистите. Турнирот се одржа на четирите земјени во Неготино кои се сопственост на општина Неготино која финансиски ги покрива трошоците за одржување на истите и со тоа создава услови за одржување и развивање на квалитетот на тенисот во Неготино кој е познат ширум државата.