Акцијата препознатлива по својата масовност „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ во текот на утрешниот ден среда ( неработен ден ) ќе се реализира и на подрачјето на општина Неготино со засадување на дрвца на повеќе локации однапред утврдени од страна одговорните во локалната самоуправа, а во соработка со ЈП Македонски шуми. Дел од оваа масовна аккција ќе се спроведе и на територијата на општина Неготино со садење на багрем и чемпрес обезбедени во соработка со ЈП Македонски шуми на локацијата, место викано, Падината кај Прждево во која ќе бидат вклучени професори и ученици од средното и основните училишта. Според утврдениот план, од СОУ Св.Кирил и Методиј организираното поаѓање ќе биде од 09 и од 11 часот со по 2 обезбедени автобуси за превоз, додека од ООУ Страшо Пинџур и Гоце Делчев ќе тргнат по еден автобус со ученици, исто така од 09 и 11 часот. Во акцијата со почеток од 09 часот ќе се вклучат и вработените во локалната самоуправа Неготино и претставници од други установи и институции кои делуваат на ова подрачје кои ќе садат дрвца на локацијата кај новоизграденото мултинаменско игралиште во населбата Саат-кула. Инаку, годинава, како и лани на територијата на Република Македонија се очекува да бидат засадени околу 5.000.000 садници на вкупна површина од 1.300 хектари.