Денеска во работна посета на општина Неготино престојуваше Амбасадорката на Народна Република Кина во Република Македонија Нејзината Екселенција Џианг Сјаојан ( Jiang Xiaoyan ) која за време престојот оствари работни средби со градоначалничката на општина Неготино Марија Нацева и со директорот на ЈП Комуналец Митко Ѓорѓиев.
Градоначалничката Нацева ја искористи средбата најдиректно да ја информира амбасадорката Сјаојан за тековните активности во локалната самоуправа, за реализираните проекти, оние кои се во тек и проектите кои ќе се спроведат во блиска иднина-со единствена цел за реализација на нејзината Програма за работа и преку тоа создавање услови за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани од општината, како од градот, така и од населените места.
Домаќините на настанот и членовите на високата кинеска делегација остварија посета и на ЈП Комуналец, како и на просторната површина (плацот) каде што е сместен возниот парк на неготинското комунално претпријатие, при што директорот Митко Ѓорѓиев ја запозна амбасадорката за застарениот и амортизиран возен парк со кој се извршуваат секојдневните работни обврски, но и покрај тоа, се остваруваат одлични резултати на задоволство на корисниците на услугите.
Средбата беше искористена и за разгледување на потенцијалните можности за остварување конкретна соработка помеѓу општина Неготино, ЈП Комуналец и Амбасадата на Кина во Македонија.
