Учениците од основните училишта од нашата општина редовно остваруваат едукативни и работни посети на општинските установи и градоначалникот во рамки на изучувањето на наставни предмети.
Така, денес во работниот кабинет градоначалничката Нацева имаше посета од ученици и наставници од ООУ Страшо Пинџур при што на учениците им беше овозможено да се запознаат со работата на градоначалникот и на локалната самоуправа.
Учениците ја искористија можноста да остварат директен контакт со градоначалничката Нацева и да поставуваат прашања во врска со надлежностите, начинот на носење одлуки и нивно реализирање.
Нивната љубопитност, искреност и насмевки ја направија средбата пријатна, а градоначалничката изрази надеж дека и во иднина ќе има можност да се среќава со неготинските ученици.
