Министерот за земјоделство Борче Серафимовски денес оствари посета на општина Неготино и заедно со градоначалничката Марија Нацева остварија работна средба со лозарите од нашата општина.
Состанокот се одржа во пресрет на стартот на претстојните берба и откуп на винското грозје, а со единствена цел истите да поминат во најдобар ред.
На состанокот се разговараше за динамиката на откупот, слободните капацитети за откуп и преработка на грозјето, како и потребата од почитување на законските услови, при што министерот Серафимовски истакна дека интенција на ресорното министерство е да се почитуваат законите од сите учесници во процесот, да има транспарентност при откупот и да се почитуваат откупните цени и тоа 21,8 денари за вранец и 20 денари за смедеревка.
Серафимовски истакна дека министерството за земјоделство во рамките на своите надлежности преку свои претставници континуирано ќе биде присутно на терен, ќе го следи откупот на грозјето и ќе одржува активна комуникација со производителите, откупувачите и преработувачите.
Имајќи предвид дека минатите години се појавија проблеми со откупот на грозјето од сортата вранец, министерот ги запозна присутните дека за да не се повтори истата ситуација, Владата на Република Македонија обезбеди над 10 милиони евра преку кредитна линија за навремен откуп на грозјето вранец и оризова арпа, од кои две третини од средствата или конкретно 553.481.723 денари се наменети за откуп на винското црно грозје од оваа сорта.
На состанокот присутните лозари имаа можност директно да комуницираат и да поставуваат прашања до министерот, се со цел бербата и откупот на винското грозје да помине во најдобар ред, а исплатата на средствата за предадениот род да се реализира во законски утврдените рокови.
