По објавениот јавен повик со утврдени термин и локација од страна на општина Неготино, а по одржаните буџетски форуми со жителите на населените места, денес на градскиот плоштад во градот на сите заинтересирани граѓани им беше овозможено со давање предлози, идеи и решенија да учествуваат во креирањето на Буџетот на општина Неготино и Програмата за работа на општина Неготино за наредната 2027 година.
При поднесувањето на предлозите граѓаните имаа можност да предлагаат проекти и приоритети за својата населба, при што во најголем дел доминираа предлозите од областа на инфраструктурата, хигиената во градот, осветлувањето, животната средина, спортот, културата и слично.
Граѓаните ја искористија можноста и поднесуваа конкретни и јасни проекти со наведување локација, проблем и очекувани ефекти, по што идеите ќе бидат разгледани и анализирани од градоначалникот, стручните служби и Советот на општината при подготовката на предлог Буџетот за 2027 година и согласно расположливите средства ќе бидат утврдени приоритетите за реализација.
