Во преполнетата спортска сала Младост се одржа завршната приредба на Детската градинка Фемо Кулаков од Неготино на која настапија дечињата од трите клона, што претставуваше испраќање на една нова генерација идни првачиња од градинката кои од септември ќе тргнат на училиште, за прв пат ќе седнат во училишните клупи и ќе ги започнат своите училишни денови.
Со многу насмевки, весело расположение, шаренило и разиграност децата од градинката вечерва кажаа –збогум градинке.
Во своето обраќање пред присутните градоначалничката на општина Неготино Марија Нацева искажа јавна благодарност до сите воспитувачки, негувателки и вработени во градинката за нивната посветена работа, а на идните првачиња им посака добро здравје, многу успех, радост и знаење во претстојните училишни денови.
Програмата беше збогатена со впечатлива сценографија и костими со кои дечињата ја поведоа публиката низ едно музичко и емотивно патување преку богата музичко-сценска програма исполнета со песни и танцување, ги претставија знаењата и вештините стекнати за време престојот во градинката испраќајќи на тој начин пораки на благодарност до своите воспитувачки и негувателки за посветеноста, грижата и љубовта што им ја пружале во изминатите години.


