По 22 години пауза, на иницијатива на градоначалничката на општина Неготино Марија Нацева на старата чаршија се одржа возобновената манифестацијата Боемска вечер.
Во прекрасен амбиент и присуство на љубители на убавата македонска песна, на добрата капка вино и ракија и луѓе со боемски дух, се одржа вечер посветена на музиката, другарувањето и доброто расположение со моменти кои посетителите долго ќе ги паметат.
За создавањето на боемска атмосфера, за убава песна и за расположение на присутните се погрижија познатиот и етаблиран естраден уметник Мишко Крстевски и Игор Димовски со својот оркестар познат по проектот Пауза за ракија чии песни се неизоставен дел од секоја веселба и поседенка.
И Крстевски и Димовски со своите препознатливи гласови и музички изрази на извонреден начин ја пренесоа боемската песна која има посебна душа, не потсети на убави времиња, на љубов и пријатели и оставија незаборавни моменти кај присутните на Боемската вечер.
